Градоначалниците на Кочани и на Разлог од Република Бугарија, Ратко Димитровски и Красимир Герчев потпишаа меморандум со кој ја официјализираа соработката што трае изминативе неколку години.

– Со овој меморандум ги дефинираме начините на соработка што ќе ги имаме на сите можни полиња, посебно во делот на настапот пред европските фондови, пред сè во прекуграничната соработка, потоа во делот на културата, образованието, социјалата спортот, сè со цел да овозможиме што е можно повеќе граѓани на Кочани и на Разлог да се сретнуваат и да ги разменуваат своите искуства, соопшти по средбата градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.

Општините Кочани и Разлог имаа заеднички настап со проекти, во делот за заштита на животната средина и за користење електромобили во двете општини.

Градоначалникот на Разлог, Красимир Герчев го истакна задоволството што двете екипи работат заеднички и искажа надеж дека проектите што ги подготвуваат ќе бидат реализирани.

– Двете општини можат да работат уште подобро во сите сфери. Нашите искуства ќе ги пренесеме овде, а соодветно и ние ќе научиме нешто што не знаеме. Сето ова го правиме за да го подобриме стандардот на жителите на двете општини. Сигурен сум дека со заеднички сили може да постигнеме многу добри резултати, изјави Герчев.

Делегацијата од Разлог ги посети изворите на геотермална вода и се запозна со начинот на дистрибуција и користење на овие потенцијали, искуства што ќе бидат добредојдени за бугарската општина којашто исто така поседува геотермални води.