По повод 88 години од раѓањето на патронот на Основното музичко училиште во Кочани, Ристо Јуруков, учениците и наставниците приредија концерт.

Малиот и големиот хор и оркестарот од ученици и наставници, под диригентсво на проф. Марија Лазарова настапија со теми од народното музичко творештво: Ој, Јано, Јано, Градел Илија манастир, Борјано, Борјанке, Кочански сејмени…

Овој концерт е потврда за тоа дека класичната музика ја изучуваме, но изворот не го забораваме – рече во обраќањето пред присутните, директорката Елизабета Ѓорѓиева.

За континуирано одличниот успех во текот на своето музичко образование, освоените награди на државни и меѓународни натпревари и многубројните настапи, Наставничкиот совет при училиштето го прогласи Борис Пујевски за ученик на генерацијата. Пујевски го изучуваше инструментот пијано во класата на проф. Стојка Беќарска.

Пофалница за постигнатите резултатите, Наставничкиот совет ѝ додели на Настасија Тодорова, која изучуваше флејта во класата на проф. Јованка Милојевиќ.