Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ од Кочани ја возобновува соработката со Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ од Штип.

На 10 мај во училишната концертна сала настапија на пијано средношколците од класата на проф. Славчо Величков: Благица Арсова, Александра Здравева, Стефанија Миткова и Дарко Арсов.

Публиката проследи дела од Рахмањинов, Брамс, Менделсон, Шопен и Лист.

Според директорката на ОМУ „Ристо Јуруков“, Елизабета Горгиева станува збор за талентирани и вредни ученици кои досегашните високи резултати ќе ги потврдуваат и на претстојниот државен натпревар по музика во Скопје. Горгиева го истакна задоволството што на концертот настапува Благица Арсова, која своето основно музичко образование го стекна во „Ристо Јуруков“.

Гостин на концертот беше Митко Гошев, ученик во класата на проф. Баже Костадинов, кој на труба ја изведе композицијата „Руска фантазија“ од Ж. Леви, во пијано соработка на м-р Благојче Ристов.