На 31 август, во Музичкото училиште „Ристо Јуруков“ концерт одржа Александра Коцевска, мецосопран, со уметничкиот соработник Глигор Гелебешев.

Коцевска и Гелебешев настапија со дела од Џоакино Росини, Сантос, Векерлин, Фернандо Обрадорс…

Коцевска во моментот е хонорарен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Добитник е на значајни награди и признанија. Дипломирала соло пеење во класата на проф. Благоја Николовски, а постдипломски студии завршила во класата на Билјана Јовановска Јакимовска. Десетина години се занимавала со педагошка дејност – професор по соло пеење во музичките училишта во Штип и во Скопје.

Глигор Гелебешев дипломирал на Академијата на уметности во Нови Сад, Србија, во класата на проф. Јокут Михајловиќ, а својата карирера ја започнал како солист и камерен музичар, по магистрирањето на ФМУ во Скопје. Настапувал како солист на голем број концерти во земјава и во странство, на концерти со Македонската филхармонија и со камерниот оркестар на Македонската филхармонија.

Концертот на Коцевска и на Гелебешев беше последната содржина од манифестацијата „Топол културен бран“ во Кочани.