Во тек е постапката за измена на Деталниот урбанистички план за Градската четврт 9 во Кочани. Се работи за просторот во населбата Драчевик, што се наоѓа меѓу улиците „Февруарски поход“, „Ѓорче Петров“, „1 Мај“, „Роза Петрова“, „552“ и Десниот магистрален канал, а зафаќа површина од околу 16,5 хектари.

– Генерално, намената е домување во индивидуални куќи, а се предвидува и локација за детска градинка и основно училиште, како и зелени, парковски и површини за спорт и рекреација, рече Марија Салтирова Јовановска, советник во Одделението за урбанизам во Општина Кочани.

Во предложениот ДУП се вцртани околу 250 парцели кои се дел од проектот „Купи куќа за млади“, кој е финансиран од Министерството за транспорт и врски.

До 15 јануари планот е на јавен увид. Истакнат е на огласната табла на влезот на општинската зграда и е објавен на веб-страницата на Општина Кочани. Со пополнување на анкетни листови, граѓаните можат да достават предлози и забелешки.

Анкетните листови можат да се земат од Едношалтерската канцеларија или од веб-страницата на Општината или пак во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Во прилог на анкетните листови треба да се достави копија од катастарски план и имотен лист за парцелата на која се однесува предлогот или забелешката.