Во рамките на манифестацијата „Петровденски конаци“, на западната тераса во Центарот за култура „Бели мугри“ беше отворена изложбата под наслов „Организам со волја и страст за себеутврдување“ на Надица Атанасова.

На реализацијата на процесот инспириран од прашањето што може да се научи од скршен сад, работеле Атанасова со кочанските уметници, Наталија Теодосиева и Михаил Митев, како и  Васко Цветанов и Александра Пандева.

– Размислувањето за скршен сад го сфатив толку лично, што повторно се запрашав, ама во себе секој пат кога мислев дека ќе се распаднам на парчиња, всушност бев посилна. И навистина тоа кршење ме зајакнуваше. На изложбата, преку фотографии се прикажани неколку растројства на човечкото битие. На фотографиите публиката се судира со емоции предизвикани од болка, страв, конфузија, незнаење, а во продолжение истите тие фотографии потврдуваат дека и по тие состојби човек може да биде посилен и стабилен – објаснува Атанасова.

Публиката можеше да го проследи видеото од процесот на „позлатување на телото“, каде замена за скршениот сад е Наталија Теодосиева, процес реализиран на локалитетот „Камени кукли“ во Кратово.

Со интерактивната изложба на Надица Атанасова, беше претставена западната тераса на Центарот за култура како нов изложбен простор, оформен со реконструкцијата на објектот.

Паралелно со изложбата, на платото пред Центарот за култура се одвиваше Ликовната колонија со интерактивен перформанс со ликовните уметници Владимир Темков, Горан Боев, Цветанка Јованова Хермес, Валентина Илијевска, Марија Мицова Гацова, Јорданчо Кицовски.