Во рамките на проектот за изведба на атмосферска канализација во Кочани, се изведе кракот што го поврзува кејот на Кочанска Река кај Центарот за култура „Бели мугри“ и улицата „Кеј на Револуцијата“, каде според планираното, ќе биде поставена и решетка. Цевководот во должина од 200 м понатаму ќе продолжи по улицата „АСНОМ“ сѐ до улицата „Иван Иванов Балаш“ (поранешна „Едвард Кардељ“). За овој крак од атмосферската канализација се наменети 2 милиона и 600 илјади денари.

Во тек се активностите за поставување атмосферска канализација во должина од 22 м и на улицата „Браќа Ставреви“. На овој дел се поставуваат и сливни решетки за прибирање на атмосферската вода и испуштање во реката. Атмосферска канализација во должина од 150 м е поставена и на улицата „Христијан Карпош“, зафат кој чини 1 милион и 800 илјади денари.

Според Влатко Димитров, помошник раководител на Секторот за уредување и располагање со градежното земјиште во Општина Кочани, останува да се постави атмосферска канализација на улицата „Славчо Стоименов“, поточно на крстосницата на оваа со улицата „Љупчо Сантов“.

Според планирањата на стручните служби, изведбата на атмосферската канализација се очекува да заврши до крајот на јуни. Нерамнините на улиците ќе се покриваат со асфалт. Се планира реконструкција на асфалтот на потегот од кружниот тек до Автобуската станица, по целата лента откај зградата на Полициската станица во Кочани. Од Автобуската станица се планира гребење на асфалтот и асфалтирање само на делот каде што е поставена атмосферската канализација.