Каратистот на „Партизан“, Мартин Стојменов е избран за спортист на Кочани за 2015 година. Така решија претставниците на медумите од Кочани и на Општинскиот сојуз за спортови. Стојменов, кој меѓу многуте резулати, минатата година беше втор на Балканското првенство во карате, четврти пат едноподруго го добива највисокото спортско признание на Кочани.

Во конкуренција за спортист на годината учествуваа и Димитар Јакимов од Карате клубот „Партизан“, Петар Каров од Клубот за гимнастички спортови „Кочани“, Анета Ѓорѓева од Женскиот фудбалски клуб „Кочани“ и Иван Серафимов од Кошаркарскиот клуб „Баскет Дино“.

Поради големиот број пријавени во категоријата млади надежни спортисти, беа избрани десеттемина најуспешни: Јана Николова (КГС „Кочани“), Верица Карова (Карате клуб „Кочани“), Ѓорѓи Петров (КК „Партизан“), Роберто Здравковски (КК „Партизан“), Антонио Јаношевиќ (КГС „Кочани“), Ристе Симеонов (КГС „Кочани“), Јован Манев (ФК „Кочани“), Кристијан Грозданов (КК „Партизан“), Мартина Шахинова (КК „Партизан“), Ѓорѓи Зашев (ФК „Фудбал старс“), Љубомир Давитков (КК „Кочани“) и Александар Ѕ’мбов од КК „Баскет Дино“.

За најуспешна спортска екипа е избран Карате клубот „Партизан“, кој доби четири гласа повеќе од екипата на ЖФК „Кочани“, која пак минатата година ја заврши како победник во Купот на Македонија за жени и како вицешампион во Првата лига за фудбал-жени. Од тренерите, за најуспешен во 2015 година е избран Николчо Колев, тренер од КГС „Кочани“. Признанието најдобар спортски работник за 2015 постхумно ќе биде наменето на прерано починатиот д-р Блаже Ѓорѓиев од КК „Партизан“.

На изборот беше предложено, за личност која дала голем придонес во поддршката на спортот, признание да му биде доделено на Љупчо Папазов, претседател на Фудбалскиот клуб „Кочани“, кој минатата година одбележа 10 години од основањето.

Новинарите што учествуваа во гласањето предложија, во знак на благодарност за информирањето во спортот, признание да добие Киро Герасимов, новинар од Македонската радиотелевизија.

Доделувањето на наградите и признанијата за најуспешните во спортот во 2015 година е закажано за в петок, 29 јануари, во 19 ч. во ресторанот „Национал“ во Кочани.