Теренот за мал фудбал во дворот на Средното училиште „Љупчо Сантов“ се подготвува за претстојниот „Петровденски турнир“.

Се работи на подобрување на состојбата на игралиштето, трибините и зелените површини.

Општинските екипи потпомогнати од училишните служби и од вработени од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ работат на уредување на трибините, односно оспособување за нивната намена; отстранување на дефектите на самиот фудбалски терен, косење на тревата и уредување на шанкот. Подготовките се на самиот крај, а дел од интервенциите се прават со донација.

Градоначалникот Николчо Илијев денеска направи увид во активностите и повика на поголема граѓанска свест и повисока урбана култура кон јавното добро.

Според Александар Зафиров, организатор на овогодишниот „Петровденски турнир во мал фудбал“, досега се пријавени 16 екипи, а во вторник, на 3 јули во Салата на Советот на Општината ќе се изврши ждребување по што ќе биде познат распоредот на натпреварите.

„Петровденскиот турнир во мал фудбал“ е една од традиционалните спортски содржини кој се одржува во манифестацијата „Петровденски конаци“.