На сообраќајницата што го поврзува Оризари со локалитетот Добра Вода засилено се одвиваат земјените работи. Градежното претпријатие „Бетон“ од Скопје, како избран изведувач, ги користи поволните временски прилики за извршување на подготвителните работи.

Според одговорните градежни лица, деновиве се работи на пробивање, односно рамнење и проширување на теренот. Околу 30 % од патот има карпести површини кои соодветно ќе се третираат во наредниот период. Наскоро ќе се работи и на поставување пропусти за атмосферска вода. Очекувањата на изведувачот се дека до следното празнување на патронот на манастирот „Пресвета Богородица“ во месноста Добра Вода, патот ќе биде во напредна фаза. Со асфалтирањето, делницата ќе добие и соодветна информативна и патна сигнализација.

Патот од Оризари до Добра Вода е со должина од два километри и ширина од 3,5 метри. Неговата изградба е со проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, а средствата се одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Жители на Оризари не го кријат задоволството од текот на работите на патот што ги поврзува со познатото излетничко место, кое е посетено во текот на целата година, а за време на манастирската слава собира и неколку илјади верници и гости од регионот и пошироко.