Мобилни екипи од инспектори и други надлежни службеници работат во смени и постојано се на терен, со цел да ги откријат лицата што ги палат оризовите стрништа вo Кочанско и да го спречат ширењето на оваа појава. Задача на овие екипи е да интервенираат секојдневно, вклучително и во деновите на викендот за да се намали загадувањето на воздухот од согорувањето на оризовата слама по нивите во Кочанско.

Со цел да ја согледа состојбата на теренот и да се запознае со актуелните проблеми на лице место, денеска во посета на Кочани и на средба со градоначалникот Николчо Илијев беше Зоран Шапуриќ, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.

–  Недопустливо е да продолжи палењето на стрништата. Јавната свест мора да се подигне и компромис не треба да има – сите прекршители да бидат казнети. Ние нема да отстапиме од намерата да ѝ ставиме крај на оваа штетна појава. Ако сите досега преземани мерки не дадат резултат, ќе предложиме измени во законот, правото на субвенции да биде поврзано со незапалени стрништа – соопшти на средбата градоначалникот Николчо Илијев.

– Имаме полна поддршка од градоначалникот и верувам дека резултати ќе има. Важно е да се сфати дека тие што ги палат стрништата нанесуваат штета на себе, на нивните најблиски и на сите околу нив – изјави директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ.

Савка Веселинова, државен земјоделски инспектор нагласи дека контролите на терен се засилени.

– Оваа година на лице место имаме откриено 15 сторители против кои имаме поднесено соодветни пријави. Сторителите тешко се откриваат, ветерот неконтролирано го проширува пожарот, се нанесуваат штети на други површини со несобран род, на помошни објекти – рече Веселинова.

Позитивен момент во Кочани е што годинава КЈП „Водовод“, во рамките на проектот „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“, врши балирање и собирање на оризовата слама, која, за потребите на Пречистителната станица во Кочани ќе биде употребена за изработка на компост.

Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ директно е вклучено во собирањето на сламата од оризовите површини. Сето тоа го вршиме бесплатно, досега имаме собрано околу 3 илјади бали, а до крајот на сезоната треба да собереме од 40 до 60 илјади бали. Тињата добиена од Пречистителната станица ќе се измеша со оризовата слама и ќе се добие компост којшто потоа ќе се нуди на земјоделците како ѓубриво за посевите – информира Андреј Киров, директор на „Водовод“. 

Проектот „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“ се реализира како дел од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија на Швајцарската агенција за развој и соработка, координирана од Фармахем.