28 мај 2018 г.

Со словенечката претстава „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на Културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија, што се прикажа на отворено, пред Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани синоќа започна официјалната програма на 55. Драмски аматерски фестивал во Кочани.

Фестивалот го отвори градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој го истакна неговото значење, влијание и улога како во македонскиот театарски живот, така и на локално ниво.

– Благодарејќи на ДАФ, Кочани изнедри голем број глумци, режисери, драматурзи, меѓу кои и Трајче Ѓорѓиев, Горан Додевски, Дарко Спасов, Кристина Атанасова, Ангелчо Илијевски, Нина Максимова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева и многу други. Убеден сум дека доаѓаат уште, затоа што ДАФ е фестивал што ја негува љубовта кон театарот – рече градоначалникот Илијев.

Меѓу вечерните претстави, беше приреден џез-концерт со „Летечки пекинезери“, што наиде на одличен прием кај публиката.

Годинава во рамките на ДАФ ќе бидат прикажани 16 аматерски претстави од исто толку ансамбли и една професионална хит-комедија, скопската „Чао, пријатно“ на театарот „Чао пријатно“, која ќе го затвори ДАФ, в сабота, на 2 јуни.

В четврток, на 31 мај, ќе гостува мултимедијалниот уметник, Словенецот Марко Брецељ заедно со словенечкиот писател Томаж Космач, за промоција на неговата книга „Панкот е мртов“. В петок, на 1 јуни со почеток во 21:30 ч. ќе биде промовирана „Македонска рок енциклопедија“ од Тошо Филиповски.

Под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“, 55. издание на ДАФ ќе биде засилено со придружни манифестации, многу гости, работилници, ликовни перформански, театар на сенки.