Во петте основни, двете средни училишта и во музичкото училиште во Кочани започна новата 2016/2017 учебна година.

Новиот училиштен почеток во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани го поздрави градоначалникот Ратко Димитровски, кој на првачињата им посака здравје, успех и трпение во совладувањето на училишните задачи.

– Оваа учебна година во Кочани ќе учат 340 првачиња, а ние како Општина ќе се погрижиме да ги создадеме сите неопходни услови за квалитетно образование – изјави за медиумите градоначалникот Димитровски.

Вкупниот број на учениците што посетуваат настава во основните училишта е 2 900, а во средните училишта – 1550 ученици.

– Во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ годинава запишавме 128 првачиња, во централното и во двете подрачни училишта во Подлог и во Бели. Наставата ја започнуваме во подобрени услови особено во училиштето во Горни Подлог коешто комплетно се реконструираше во текот на летниот распуст – соопшти директорката на „Св. Кирил и Методиј“, Весна Зашова.