Заменик-амбасадорот на Холандија, Андри ван Менс ја посети Општина Кочани. На средбата со градоначалникот Ратко Димитровски разменија мислења за досегашните и можностите за идните инвестиции во Кочани.

– Имавме конструктивен разговор што можеме заеднички да сториме за проширување на соработката. Разговаравме за четирите холандски компании коишто веќе се присутни во Кочани и ги понудивме нашите капацитети во делот на геотермалните води, туризмот и другите ресурси што ги има општината на располагање. Очекувам оваа соработка да продолжи интензивно, онака како што течеше последниве три-четири години – изјави по средбата градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.

– Ние ги посетуваме холандските компании што се во земјата. Самото тоа што има четири големи холандски компании како инвеститори во Кочани, кои вработуваат повеќе стотици работници е знак дека има потенцијал за соработка во повеќе сфери. Се радувам на можностите за понатамошна соработка, повторно да се видиме со градоначалникот и да се отворат нови можности за соработка на холандски и македонски компании – соопшти Андри ван Менс, заменик-амбасадор на Холандија во Република Македонија.

Досега во Кочани работи компанијата „Антура“ – технолошки високософистицирана лабораторија за производство на украсни цвеќиња – орхидеи, потоа текстилната фабрика „Вима Фешн“ којашто започна со работа во септември 2015 година, а пред старт со работа е компанијата „Нидо глобал текстил“ чија дејност ќе биде шиење на заштитна облека, мебел-штоф и сл. Најновата холандска компанија во Кочани е „Герлофс“, која кон крајот на годината ќе започне со услуги за климатизирање и вентилација на големи објекти и изработка на големи ладилници.