Завршуваат теренските истражни работи за проектирање на браната „Пониква 1“ во месноста Арамиска Чешма на Осоговските Планини.

– Завршени се скоро сите теренски  истражни работи, истражно дупчење на три локации на профил на брана „Пониква 1“, истражни бунари и согласно тендерската документација, се земени соодветен број проби кои се доставени за анализа. Во тек е изработката на елаборатот од изведените технички истражувања за браната, па врз основа на добиените податоци од лабораторија, осознаените податоци од терен и утврдување на потенцијални локации за позајмишта на материјали, набргу ќе биде изработена документацијата за браната на Арамиска Чешма. Првите впечатоци се сосема солидни, така што локацијата, според идејата за којашто е наменета, сосема одговара и очекуваме во блиска иднина на локацијата каде што стоиме да има изградено брана – соопшти Љупчо Кулаков, инженер-геолог во Градежниот институт „Македонија“.

Капацитетот на браната е 52 илјади метри кубни, вода којашто е наменета за водоснабдување на неколку села: Рајчани, Нивичани и Пантелеј и за водоснабдување на туристичката населба на Пониква, што е основно за развојот на туризмот на Пониква.

– Познато е дека на Пониква подолго време се инвестира во разни објекти, викенд-куќи, ресторани, хотели,  но за развој на туризмот понатаму е неопходно решение за водоснабдувањето. Од тие причини, ние како Општина издвоивме средства за проектирање на браната на Арамиска Чешма. Наскоро очекуваме проектот да биде завршен, а со предмер-пресметката ќе знаеме како да се финансира изградбата на оваа брана која е од огромно значење за развојот на туризмот и на цела Пониква – изјави градоначалникот  Николчо Илијев.  

Освен за водоснабдување, водата од акумулацијата ќе може да се употребува и за производство на вештачки снег, а во следната фаза да се овозможи и нејзино прилагодување за екстремни зимски спортови.