Од 25 до 29 август Општина Кочани ја организираше четвртата Ликовна колонија „Св. Пантелејмон 2015“.

Годинава, под раководство на м-р Александра Димитрова, на колонијата твореа 12 учесници на возраст од 15-18 години од Куманово, Скопје, Тетово, Виница и Кочани.

Младите уметници твореа во пределот на браната Гратче, кој изобилува со несекојдневни мотиви од природата и изработија 24 дела во техниката акрилик на платно.

Првпат од постоењето, Ликовната колонија имаше натпреварувачки карактер. Жирито во состав Александра Димитрова, Благица Андова Николова и Елизабета Зафирова Стојанова додели награди за најуспешните творци.

Гран-при доби седумнаесетгодишната Вања Кашавелска од Куманово, првата награда ѝ припадна на Нора Дамјанова од Кочани, втората на скопјанката Мила Добревска, а третата на Марија Светозаревиќ од Тетово.

Делата изработени на Ликовната колонија „Св. Пантелејмон“ ќе бидат претставени на изложба во рамките на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2015“.