Изминатиов период се работеше на уредувањето на тротоарите на дел од улиците „Маршал Тито“ и „Страшо Ербапче“. Старите, оштетени слоеви на едни од најпрометните зони во градот, кај Поштата и кај Болницата, се заменија со бехатон плочки. Реконструкцијата опфати и менување на уличните рабници со нови. При градбата е земана предвид и пристапноста за детски  и инвалидски колички, за што е применет слободен приод.

Стручните служби информираат дека поради ниската сообраќајна култура, при градењето на тротоарите се поставуваат повисоки рабници со цел да се намали можноста за злоупотреба на овие површини од непрописното паркирање на автомобилите и узурпацијата на просторот наменет за движење на пешаците.

Според најавите од Општина Кочани, се планира во наредниот период да се уреди тротоарска површина во близина на новата детска градинка, со намера околината на капиталниот објект што е во градба  да добие урбана димензија.

Годинава, изградбата на тротоарите ја изведува градежната фирма „Патиомонт“ од Кавадарци, а според договорот е планирано уредување на површина од 3 400 метри квадратни.