Заврши асфалтирањето на локалниот пат од Оризари до месноста Добра Вода. Градежното претпријатие „Бетон“ од Скопје, како избран изведувач, ги користи поволните временски прилики за довршување на финалните работи во предвидениот рок.

Според стручните служби, во наредниот период ќе се работи на бетонирање на влезните и излезните глави на пропустите и на поставување риголи, рабници на предвидените позиции.

– Добиваме сообраќајница што ја олеснува комуникацијата во овој предел и создава нови можности за рурален развој – туристички  и земјоделски. Задоволен сум што успеавме да одговориме на една дамнешна иницијатива и на тој начин да градиме доверба и задоволство кај граѓаните – вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Жители на Оризари го истакнуваат како значајна придобивка асфалтното поврзување со познатото излетничко место, кое е посетено во текот на целата година, а за време на манастирската слава собира и неколку илјади верници и гости од регионот и пошироко. Други пак, во оваа дестинација гледаат нова можност за рекреација и пешачење на повисок предел.

Патот од Оризари до Добра Вода е со должина од 2 км и ширина од 3,5 метри. Неговата изградба е со проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, а средствата се одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.