Поставенa e атмосферската инсталација на делот од мостот на Кочанска Река кон Автобуската станица. Работите на овој потег завршија со асфалтирање на ископаниот коловоз на улицата „Тодосија Паунов“.

– Со ова завршува една поголема фаза од проектот за атмосферската канализација и можам да им соопштам на граѓаните дека уште малку ни останува да ја завршиме целата улица „Тодосија Паунов“, изјави Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.

Според најавите, наскоро ќе се врати во нормала и одвивањето на сообраќајот во овој дел од градот, каде во изминатиот месец имаше чести застои и регулација од сообраќајната полиција.

Според Влатко Димитров, заменик-раководител на Секторот за управување и уредување на градежно земјиште во Општина Кочани, досега се поставени вкупно 3600 м атмосферска инсталација, од кои 1800 м на улицата „Роза Петрова“, 1100 м на „Страшо Ербапче“ и 700 м на улицата „Тодосија Паунов“. Цевките се со пречник од 500 до 1000 мм.

До крајот на оваа година, ако дозволат временските услови, ќе се работи на поставување атмосферски колектори и на краци на улиците „Први Мај“, „Страшо Ербапче“ и „Димитар Влахов“.

Проектот за изградба на атмосферска канализација е капитална инвестиција во Кочани вредна 96 милиони и 200 илјади денари.