Во Спортската сала „Никола Карев“ најуспешните екипи и поединци во училишните лиги во футсал, ракомет и кошарка (машка и женска конкуренција) ги примија наградите и признанијата за постигнатите резултати.

И годинава најуспешни во мал фудбал беа момците од ОУ „Никола Карев“, второто место го освои екипата на „Раде Кратовче“, а трет е тимот на „Св.Кирил и Методиј“. За најдобар играч во футсал беше прогласен Бојан Јанев од „Никола Карев“.

Во училишната ракометна лига првото место ѝ припадна на екипата од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, второто на „Никола Карев“, а третото место го освоија учениците од „Раде Кратовче“. Признание за најуспешен ракометар доби Давид Јакимов од „Св. Кирил и Методиј“.

Оваа година најуспешна машка училишна кошаркарска екипа е на ОУ „Никола Карев“, втори се кошаркарите од „Св. Кирил и Методиј“, а трети од ОУ „Малина Попиванова“. За најдобар кошаркар е прогласен Милан Блажев од ОУ „Никола Карев“.

Единствената награда во женска конкуренција – кошарка, службено ја зедоа девојчињата од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, чии противници од другите основни кочански училишта не се појавија на натпреварите.

Наградите и признанијата на најуспешните ги обезбеди Општина Кочани, а ги врачи Јордан Димитров, претседател на Советот на Општина Кочани.