По иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев,  кочанските стопанственици остварија средба со директорите на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски на тема  „Можностите за усогласување на потребите за преквалификација и доквалификација на активните баратели на работа со стопанството“.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска рече дека во 2019 година околу 900 илјади евра се распределени преку Центарот за вработување – Кочани, за реализација на активни мерки, политики и услуги на пазарот на трудот, кои ги искористиле околу 130 приватни компании од Кочани.

– Многу важен момент се обуките – преквалификациите и доквалификациите. Оваа година имаме мерка за познат работодавач, со обезбедени средства и за вработените обучени лица и за работодавачот. Според барањата на работодавачите има стручни обуки кои ќе траат од два до четири месеци, од кои невработените лица ќе земаат по 9 илјади денари, а ќе има и за обучувачи, репроматеријали и за други трошоци – рече директорката Јовановска.

Стопанствениците се запознаа и со активните мерки на Агенцијата за вработување коишто се насочени кон младите, како што е проектот за младинска гаранција, со кој се вклучени околу 29 000 млади лица, а над 30 % од нив се вработени во првите четири месеци. Покрај другите мерки, од оваа година е стартувано со младински додадаток како поттикнување на младите за вклучување во производството.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски посочи дека програмите што се креираат преку ФИТР е важно како реално функционираат во пракса, но важно е да се  слушне и мислењето на претставниците на компаниите.

– Фондот овозможува технолошки развој насочен кон зголемување на конкурентноста на компаниите со нови технологии. Според податоците, дел од фирмите што ги финансираме растеле во делот на приходите во просек со 50 % и во делот на добивка со 60 %. Нѐ радува што овде има голем број присустни. Нам ни е важно да ги слушнеме ставот и препораките од компаниите за да ги подобриме нашите програми. За таа цел и во наредниот период ќе продолжиме со активна комуникација, особено со компаниите надвор од главниот град. Јас си земав обврска дека ваквата поддршка за домашните компании ќе продолжи и во наредниот период. Фондот веќе обезбедува поддршка за над 350 компани, а вкупната инвестиција во овие две и пол години веќе достигна 65 милиони евра. Овие проекти се со навистина висока додадена вредност бидејќи на нив се ангажирани над 1 500 лица со плата од 60 % над просекот, нагласи Деспотовски.

Според Фатмир Бетики, советник по економски прашања во Владата, важно е политиките да се креираат заедно со стопанствениците.

– Мерките се директно насочени кон стопанството,  но човечкиот капитал не треба да се заборава. Во следниот период ќе се стави акцент на дигиталната економија и секако,  на зголемување на конкурентноста – рече Бетики на средбата со кочанските стопанственици.

Преставниците на бизнис-секторот ја истакнаа недоволната информираност за начинот на користењето на средствата од Фондот за иновации, но и потребите од мерки за поттикнување за искористување на природните ресурси што ги поседуваат општините.