На 16 мај во Спортската сала „Никола Карев“ во Кочани, во организација на Општина Кочани, Детската градинка „Павлина Велјанова“ и Здружението Општински спортски актив се одржа Детска олимпијада – 2015. Околу 200 учесници, петгодишни деца од големите групи од четирите клонови на кочанската градинка, се натпреваруваа во штафетно трчање, влечење јаже, скокање во вреќи и полигон. – Настанот има за цел преку игра и забава да ја поттикнува желбата за спортување кај децата и да го јакне спортскиот дух, рече во своето обраќање пред присутните Лидија Серафимова, директорка на Детската градинка „Павлина Велјанова“. Многубројната публика ги бодреше учесниците при натпреварувањата, наградувајќи ги со аплаузи. На сите учесници Општината им додели награди. Првото издание на Детската олимпијада се одржа минатата година.