Дваесет и осмото издание на традиционалната културна манифестација „Денови на кочанскиот ориз“ ќе се одржи од 30 септември до 5 октомври 2019 г. Централните настани, во кои влегуваат и посетите на делагациите од пријателските општини на Кочани и традиционалното зажнејување – се на 3, 4 и 5 октомври. Ова го соопшти Организацискиот одбор, по дефинирањето на конечната програма на манифестацијата.

– Годинава, обичајот зажнејување ќе претставува своевиден перформанс на нива, за чија изведба ќе се погрижи Фолклорниот ансамбл „Кочани“. Ќе настојуваме приказот да добие што поголема автентичност, со сите елементи на традицијата. Наместо во досегашниот „Избор на жетварска убавица“, улогата на жетварката ќе ја истакнеме посилно во самото зажнејување. Очекуваме гости од земјава и странство што ќе можат да присуствуваат на дегустацијата на јадења од ориз и на музичко-фоклорната програма во Паркот на Револуцијата – изјави градоначалникот Николчо Илијев.

Од музичките содржини во рамките на манифестацијата, на 4 октомври во 20 ч., во Паркот на Револуцијата ќе настапи групата „Салса и Пунто“, меѓународен состав од врвни изведувачи од Куба, кои произведуваат автентична комбинација на латино-ритам и звук и секогаш имаат настапи збогатени со танцување и анимација на публиката.

На 5 октомври во 21:30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“, Девана Нардели и Огнен Здравковски со „Долче Дуо“ ќе приредат концерт под наслов „Македонски и светски евергрин мелодии“.

Во музичките настани се вклучени и концерт на ОМУ „Ристо Јуруков“, Градскиот хор од Штип и фестивалот „Музички бранови“.

Програмата на манифестацијата опфаќа промоции на делата „Богатството запишано во времето“ од Киро Герасимов, дела за фолклорното наследство во Кратовско од Драган Георгиевски, „Книга за оризот“ од Зоран Поповиќ и Оливера Поповиќ  од Република Србија, како и балканска поетска вечер.