Делегација од збратимениот град Вуши од провинцијата Џјангсу – НР Кина, на 16 август престојуваше во официјална посета на Општина Кочани. Гостите од Кина, предводени од претседателот на Постојаниот комитет на Народниот конгрес на Општина Вуши, Џјао Џјанхуа, се сретнаа со градоначалникот Ратко Димитровски, претседателот на Советот на Општината, Јордан Димитров и посетија некои локални претпријатија, установи и локалитетот Пониква.

Двете страни дискутираа за потенцијалите за соработка, како што се производството на ориз, искористување на геотермалните води и промоција и развој на планинскиот туризам, особено во Спортско-рекреативниот центар Пониква.

– Со гостите од збратимениот град Вуши разговаравме за можноста за квалитетно производството на органски ориз користејќи го системот „капка по капка“, класификација и извоз на произведените количини на ориз во Кина. Гостите ги запознавме со потенцијалите на геотермалните извори во долината на Кочани, со сегашната искористеност, како и со плановите за нови инвестиции во областа на искористување на овој енергетски потенцијал. На гостите им го претставивме и туристичкиот потенцијал на планината Осогово, особено во Спортско-рекреативниот центар „Пониква“, изјави градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.

Првиот човек на Вуши, Џјао Џјанхуа го истакна интересот за инвестиции во Кочани.

– Ние сме тука за да се утврди почетниот капацитет за инвестирање од НР Кина во областа на органското производство на ориз со системот „капка по капка“. Се разгледа можноста за извоз на кочанскиот ориз во Кина, како најголем производител на оваа храна. Вие имаат големо искуство во областа на странските инвестиции, а со тоа, нашите бизнисмени се заинтересирани да инвестираат тука, изјави Џјанхуа.

Според најавите, соработката меѓу збратимените општини Кочани и Вуши, ќе продолжи на културен и образовен план, при што се очекува размена на студенти меѓу двата града. Следната посета на бизнис-делегација од Вуши, е закажана за октомври, кога во Кочани ќе се одржи манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.