Студентите од јавните високошколски установи во нашата држава, што ќе користат стипендии за студиската 2019/20 година, ги потпишаа договорите со Општина Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев им посака успех во натамошното школување посочувајќи ја нивната важност како образовани кадри, подготвени за пазарот на трудот.

Оваа година бројот на стипендистите е речиси удвоен во споредба со претходните години, што се должи на подобреното планирање на периодот на распишување на конкурсот. Тоа пак, придонесе за поефикасно  искористување на буџетските средства по основ на студентски стипендии, планирани со Програмата за поддршка на образованието.

Надица Николовска, студентка на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, како корисник на стипендијата го изрази задоволството од поддршката на студентите што ја дава Општина Кочани, истакнувајќи дека ѝ е мотивација за одржување на успехот.

Стипендиите и годинава се распределуваа во четири категории – за студенти со висок успех во студирањето, студенти на факултетите за медицински науки, студенти од социјално загрозени семејства и од ромската етничка заедница.

Месечниот износ е 3 илјади денари по студент, за период од десет месеци.