Во рамките на предновогодишните активности, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев одржа работна средба со претставниците на управувачките органи на Здружението на пензионери – Кочани.

Илијев детално ги опиша условите, состојбите и резултатите од досегашното работење на Општина Кочани на финансиски план, реализираните проекти и капитални инвестиции.

– Основниот буџет во 2020 година е проектиран на досега рекордни 118 милиони денари. Веќе напролет ќе има нова градежна офанзива за подобрување на патната инфраструктура. Остануваме на зацртаниот правец за рамномерен локален развој, како во градот, така и во населените места. Старечкиот дом од регионален карактер е на листата на приоритети, исто како што е и искористувањето на геотермалните води за бањски цели – насушна потреба на луѓето од третата доба – рече градоначалникот Илијев.

Пензионерите имаа можност да дискутираат за потребата од нови клубови по урбаните и месните заедници во Кочани, а пензионираните доктори, истакнати специјалисти во медицината изнесоа свои видувања за можностите за подобрувања во здравството на локален терен и понудија своја помош со вклучување во проекти.

Заеднички беше заклучокот на претседателот на Здружението на кочанските пензионери Ѓорѓи Серафимов и на градоначалникот Илијев за меѓусебната поддршката во реализацијата на зацртаните цели коишто ги засега највозрасната категорија жители на Кочани.