20.3.2018 г.

На 19 март, во Скопје, во присуство на министри од Владата на Република Македонија, амбасадори, претставници на Советот на Европа, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев го потпиша Меморандумот за разбирање од проектот за Промоција на добро владеење и зајакнување на Ромите на локално ниво.

Во своето обраќање пред присутните Илијев истакна дека Општина Кочани континуирано настојува да ја зголемува опфатеноста на Ромите во образовниот процес, да ја подобрува инфраструктурата во Ромското Маало, да ја унапредува социјалната заштита според општинските надлежности.

– Пред нас, како Општина е решавање на едно клучно прашање поврзано со домувањето на ромски семејства во Старата касарна. Разговорите со централната власт, особено со министерот без ресор Аксел Ахмедовски и со министерката за труд и социјала Мила Царовска ни дава надеж дека ќе успееме – рече Илијев.

Според градоначалникот, проектот за Промоција на добро владеење и зајакнување на Ромите на локално ниво ќе биде можност за континуирано унапредување на соработката меѓу сите општествени чинители и на механизмите за редовна комуникација како основни во пристапот кон секое прашање што ја засега ромската заедница.