Со пригодна свеченост во Кочани беше отворена новата холандска инвестиција „Гирлофс фриготехника“.

Новоизградениот објект e со намена за лесна индустрија, односно за производство, монтажа и одржување на разладни комори за складирање на земјоделски производи. Фабриката е изградена во месноста Ќерамидница со вкупната корисна површина од 1600 м2 на приземје и на кат.

Во фабриката во Кочани засега се ангажирани дваесетина постојано вработени лица.

– Компанијата „Гирлофс фриготехника“ перманентно работи за извоз низ целиот свет: Европа, Африка, Азија, Блискиот Исток, Америка. Во нашиот регион „Гирлофс“ ги изработи системите за ладење во лабораториите за цвеќе „Антура“ во Кочани и „Ромео витро“ во Виница. Во наредниот период ни претстои работа за новиот погон на „Антура“, за што ќе има потреба од зголемување на бројот на вработените – вели Дарко Атанасов – раководител на „Гирлофс“.

Компанијата „Гирлофс“ е четврта холандска инвестиција во Кочани, по „Антура“, современата лабораторија за производство на семенски материјал за украсни цвеќиња, конфекцијата „Вимафешн“ и „Нидо ГТ“, во кругот на „Руен“.