На 20 и 21 март 2020 г. (петок и сабота), во периодот од 9 до 15 ч., повторно ќе биде затворена за сообраќај улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“.

На потегот од крстосницата кај Двојниот мост во централното градско подрачје, до крстосницата кај Стришани ќе продолжи рушењето на дел од старите градби.

Општинските служби ги известуваат сопствениците на дуќаните што се наоѓаат на оваа локација да го организираат дотурот на стока најдоцна до 9 часот наутро и по 15 часот.

За време на изведувањето на градежните работи, сообраќајот ќе биде пренасочен во неколку правци. Товарните возила ќе се движат кон Грдовци, а патничките по улицата „Маршал Тито“ и лево по „22 Октомври“ – еднонасочна улица што се спојува со „Димитар Влахов“. Авобусите и минибусите ќе се движат по улицата „Маршал Тито“ до Водостопанство „Брегалница“ и лево по улицата „Димитар Влахов“ кон Стришани и излезот на градот.

Изминатиот викенд, во првата етапа од процесот на расчистување на овој дел од централното градско подрачје беа урнати четири објекти.