Со одлука на Владата на РС Македонија, Општина Кочани доби 44,6 милиони денари за изградба на потисен цевковод од пумпната станица во Грдовски Орман до изливниот базен на препумпната станица од водоводниот систем.

– Подобрувајќи го системот за водоснабдување, решаваме едно од суштинските прашања за Кочани за наредните 50 години. Поддршката од централната власт за реализација на капитални проекти е посебно значајна за развојот на Кочани – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Според проектната документација, ќе се заменат 2 250 метри на постојниот цевковод, од бунарскиот систем Грдовски Орман до изливниот базен на препумпната станица.  Се работи за критична делница којашто поминува низ оризовите полиња, на која се јавуваат чести дефекти. Старите, дотраени цевки ќе бидат заменети со дуктилни од лиено железо со пречник од 508 милиметри, со што ќе се обезбеди поголема издржливост и долготрајност на системот.

Со замената на цевководот, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ќе може да го обезбеди максималниот капацитет до потрошувачите од 280 литри вода во секунда.

Цевките на потисниот цевковод во Кочани се стари повеќе од 40 години и потенцијално се подложни на пукање и загуба на големи количини вода.