Од вечерва, 30 септември па до 5 октомври во Кочани ќе се одржи дваесет и осмото издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ со што ќе се одбележи почетокот на жетвата на главната земјоделска култура во регионов.

Во овогодишната програма се предвидени повеќе културно-забавни содржини проследени со презентација на традиционалните жетвени обичаи и специјалитети од ориз.

– Манифестацијата ќе биде отворена со промоција на втората книга „Богатство запишано во времето“ од Киро Герасимов, а во наредните денови од музичките содржини следуваат концертот на Градскиот хор од Штип, Фестивалот на детска песна „Музички бранови“, концертот на Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ и настапот на групата „Салса и пунто“ од Куба. В четврток ќе бидат промовирани четирите книги „Запишано фолклорно богатство од Кратовско“ од м-р Драган Георгиевски, а  в петок ќе се одржи Балканска поетска средба и промоција на „Книга за оризот“ од авторите Оливера и Зоран Поповиќ од Србија, соопштија службитеод Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Завршницата на манифестацијата е в сабота, 5 октомври, со традиционалното рачно зажнејување на оризот на нива во Институтот за ориз, по што ќе бидат доделени наградите и признанијата за најдобрите земјоделски производители. Во Градскиот парк ќе се одржи фолклорен концерт, а ќе бидат презентирани и традиционални јадења од Кочанско. Вечерта е предвидена за македонски и светски евергрин мелодии во изведба на Девана Нардели и Огнен Здравковски со „Долче дуо“.

Организатор на „Деновите на кочанскиот ориз“ е Општина Кочани во соработка со Центарот за култура „Бели мугри“, Библиотеката „Искра“ и фолклорните друштва од регионот.