Во рамките на Европската недела на мобилност, ЕУ Инфо-центарот и Општина Кочани и оваа година организираа велосипедско дефиле во кое учествуваа членови на велосипедските клубови од Кочани, ученици од основните и средните училишта и вработени во општинската администрација.

Дефилето започна од Градскиот парк и се упати кон кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, па продолжи по улиците во Кочани.

– Со овој настан сакаме да ја истакнеме позитивната страна на користењето велосипед, со што ќе придонесеме во намалувањето на штетните материи во воздухот, но и за зголемување на физичката активност кај нашите сограѓани – рече градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, којшто активно учествуваше во велосипедското дефиле.

Членови на велосипедските клубови од Кочани побараа од Општината да преземе активности за издвојување соодветен велосипедски простор на јавно-прометните површини.

– Улиците во Кочани се проектирани пред четириесетина години, со профил што не дозволува да се вметнат велосипедски патеки, но ние правиме напори, ги организираме проектантските куќи да може да се извлече максимумот за велосипедски патеки посебно во новиот дел од градот. Таму урбанизацијата е од поново време, а ние таа акција ќе ја спроведеме и ќе внесеме велосипедски патеки. Останува сите заеднички да се потрудиме, дел од улиците и тротоарите да ги намениме за велосипедски патеки – рече Димитровски.