На падината што се извишува на северната страна од селото Бели се наоѓаат два манастира и еден од најстарите дабови во овој дел од Европа. Сместен е во дворот од манастирот „Свети Илија“ до каде се стигнува по кривулест пат, кој на моменти се искачува директно по височинката и ве тера на мал физички напор, ако се искачувате пеш.

Единствен по својата раскошност и големина, дабот е изникнат токму на средината од врвот, стоејќи како негов чувар, веќе седум века чувајќи ја историјата на селото Бели.

 

Според мерењата, обемот на дрвото е околу 10 метри, а распонот на гранките близу стотина метри. Од далеку наликува на дланка со раширени пет прсти. Но, пред околу две децении, една од гранките која била најдолга, се скршила, а на тоа место се појавила огромна дупка. Дел од дабот почнал да се суши, а месното население често во дупката барало спас од ненадејниот дожд или ветар. За да се заштити од натамошно пропаѓање, како еден од ретките природни споменици во општината и државата, пред неколку години, со финансиска поддршка на Министерството за животна средина, оштетувањето е санирано.

Староста на дрвото се проценува на околу 680 години, иако никој не може со сигурност точно да каже кога и од кого е засаден. Дабот одамна претставува симбол на селото и на овдешните жители, бидејќи седум века опстојува на временските неприлики, заедно со тешкотиите на народот.

Под него се наоѓаат две огромни грамади кои жителите ги викаат „каменот на плачот“.Тоа се камења на кои многу генерации овчари седнувале да ручаат и од нив си ги остреле ножевите. Името го добиле затоа што овчарите плачеле од мака што во тој период немале којзнае што да јадат.

Белскиот даб е сведок и на егзекуцијата на 10 жители од селото кои биле убиени во 1912 година од турската војска, бидејќи го дигнале својот глас против Турската Империја.

На влезот од манастирот “Св. Илија” стои спомен-плоча како сеќавање на тој настан. Во стеблото на дабот со години живеел смок долг околу два метра. Мештаните велат дека тој е негов чувар. Никој не го избркал или пак се обидел да го убие, затоа што сметаат дека е светија. Еднаш, за Илинден,

кога дошле голем број верници во манастирот, смокот излегол од дупката и се искачил високо во гранките и таму останал цел ден, сè додека и последниот верник не си заминал.

Мештаните раскажуваат дека кога се санирала дупката на дабот, стручните лица го молеле смокот да излезе од неа. По двочасовно убедување, тој излегол, а тие ја затвориле дупката. Сега ја нема огромната дупка, а на нејзино место се гледа темнозеленикава материја која го штити дрвото. Но, жителите на Бели веруваат дека смокот нашол друг отвор и повторно влегува внатре во дабот, белското свето дрво…