Градоначалникот Ратко Димитровски одржа прес-конференција на која информираше за двата клучни проекти што ќе се реализираат во 2015 година.

– Асфалтирањето ќе се реализира со средства од Светска банка, со договорот за подзаем од Проектот за подобрување на општинските услуги, што го потпишавме со министерот за финансии, Зоран Ставрески, во декември минатата година, рече Димитровски.

Со овој договор е одобрен заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка во висина од 61,5 милиони денари. Подзаемот има рок за враќање од 10 години, со 3 години грејс период и 1,5 процент годишна камата.

Со средствата ќе се асфалтираат улици во вкупна должина од 3,9 км: десниот и левиот крак на „Орце Николов“, „Февруарски поход“, „Ѓорче Петров“, „13 Македонска бригада“, „Димитар Лазаров“, „Македонска“, „Разловечко востание“ и „15 Македонски корпус“, „Пиринска“, „554“ во Прокарка и „Јанка Стоименова“ во Оризари.

Според градоначалникот, во рамките на техничките решенија за секоја од планираните улици предвидена е изградба на самата улица и нејзино асфалтирање, изградба на потпорни ѕидови, а според потребите и условите на патот и изведба на инсталација за атмосферска канализација.

Оваа година ќе биде под знакот на реализацијата на проектот Изградба на колектор и пречистителна станица за отпадни води, што претставува најголемата донација којашто Швајцарија ја реализира во Република Македонија, во висина од 21 милион швајцарски франци.

Во практичниот дел на проектот планирано е поставување на главен колектор кој ќе поаѓа од селото Оризари и ќе го следи текот на Кочанска Река, во должина од 12-13 км. Овој колектор треба да ги собира отпадните води од сегашните 9 испусти од Оризари до Подлог, кои треба да се надоградат, да бидат затворени канали. Отпадните води од овој затворен систем ќе минуваат низ пречистителна станица, која ќе се гради на најниската градвитациска точка на вливот на Масалница во Брегалница.

– Значајно е да се истакне дека колекторите ќе бидат со висок квалитет што ќе гарантира трајност и непропустливост. Пречистителната станица ќе биде опремена со најсовремена технологија, со мала површина и минимални трошоци за експлоатација и одржување. Со пречистителната станица ќе бидат третирани отпадните води од градот Кочани и од околните рамничарски села, со капацитет од 58 илјади еквивалент жители – информираше Димитровски.