Заврши асфалтирањето на површината наменета за паркинг кај Градскиот парк во Кочани и кај зградата на Управата за јавни приходи.

Асфалтирана е површина од 560 метри квадратни. Останува одбележувањето на 15-те нови места за паркирање за да се завршат сите работи предвидени со пренамената и реконструкцијата на овој дел од градот.

– Забележуваме дека е почитувано барањето на граѓаните да не се оштети ниедно од дрвјата. Дрворедот остана онака како што беше. Се кроеја само гранките на дрвајата, што е нормално, редовно годишно дотерување – изјави за медиумите Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.

Димитровски напомена дека течат нормално работите за изградба и асфалтирање на улиците, за кои се користат пари со заемот од Светска банка. Досега целосно се завршени три улици, а работите ќе продолжат на „Ѓорче Петров“, „Разловечко востание“, „Пиринска“, „Димитрија Лазаров“ и „Орце Николов“.