Со цел да ги слушнат мислењата и проблемите на претставниците на компаниите од земјоделско-прехранбениот сектор, Агенцијата за храна и ветеринарство организираше Отворен ден во Кочани.

Средбата беше можност компаниите да се поттикнат да дадат предлози и да се информираат за прашања што се од нивен интерес, а службите и одделенијата на Агенцијата да преземат соодветни активности.

– Проблемите во Кочани се исти или слични кај сите оператори со храна, сите се засегнати и во однос на примената на системите за безбедност на храната. Овде имаше и сугестии од нивна страна, што е добро, ние ги земаме предвид, рече Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

На средбата во Кочани беше промовиран и Водичот за новините во означувањето на храната во ЕУ, што се применуваат кај нас.

Отворениот ден на Агенцијата за храна и ветеринарство во Кочани е по одржаните во Битола и Неготино. Директорот Поповски истакна дека ваквата практика за директно среќавање на терен со претставниците на бизнис-секторот од земјоделската и прехранбената дејност ќе продолжи, со цел да се дојде до конкретни резултати и решенија за постојните проблеми.