Во пресрет на 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани, Советот на Општина Кочани одржа свечена седница на која беа доделени највисоките општински награди.

Наградата за значајни остварувања во развојот на Кочани ја доби Амбасадата на Швајцарија, за донацијата од 21 милион швајцарски франци за изградба на Пречистителна станица на реката Брегалница.

Во образложението за доделенета награда, претседателката на Комисијата Емилија Серафимова истакна дека значењето на овој проект е големо, затоа што заштитата на природните ресурси ќе придонесе за одржлив развој на Брегалничкиот Регион и дека со подобрувањето на општинскиот систем за отпадни води, ќе се обезбедат поздрава животна средина, безбедно земјоделско производство и забрзување на локалниот економски развој.

Наградата за животно дело, постхумно е доделена на м-р Драги Петров, директор на некогашното големо трговско претпријатие „Нова трговија“ и иницијатор за изградбата на Трговскиот центар во Кочани.

Наградата за прими неговата сопруга, Верка Петрова, која се заблагодари што по 16 години од неговата смрт му се оддава признание за неговото човекољубие и добрите дела што ги има направено за Кочани.

Градоначалникот Илијев им врачи благодарници на сите противпожарни единици и шумски стопанства што помогнаа во гасењето на големиот пожар на Осоговските Планини што избувна на 8 август 2019 г. Благодарници во знак на прикажаната хуманост и спасување човечки живот доби Драган Апостолов, а за поддршката во зачувувањето на природата и заштитата на Осоговските Планини – Македонското еколошко друштво и „Фармахем“.